Содржина

    Флексибилно работење = голема продуктивност

    Интервју со Ана Стојановска, Директор на човечки ресурси во ПроКредит Банка – првата банка во нашата земја што воведе можност за флексибилно работење, односно работа од дома.

    Флексибилното работење е тема за која во изминатите години, уште пред почетокот на пандемијата, се дискутира во деловниот свет. Овој тренд дополнително е актуелизиран од страна на брзорастечката информатичка индустрија која е препознатлива по организирање на своите системи, процеси и вработени за работа од дома, а што на пазарот на труд е истакнато како голема предност при избор на работодавач.

    Истовремено, многу компании од другите индустрии имаат бариера кон овој тренд, пред се бидејќи поставува големи предизвици во однос на веќе познатите модели на работење. Предизвикот е особено  голем за големите компании од услужната дејност кои од една страна е потребно да се достапни за своите клиенти, а од друга страна да понудат соодветни услови за големиот број на вработени за работа од дома, притоа не намалувајќи ги ефикасноста, продуктивноста и квалитетот на услугата.

    Во изминатите години, Ковид пандемијата предизвика големи ефекти врз целото општество и врз бизнис заедницата што  несомнено ги помести овие бариери и ги поттикна компаниите да најдат брзо решение и да се адаптираат на новите услови на работење. Рестриктивните владини мерки за заштита на здравјето на граѓаните, а истовремено  неизвесноста и стравот кај луѓето, наметнаа потреба од нови модели на работа. Дури и денес, по надминување на интензивните бранови на вирусот, пандемијата остави трага во животниот стил на луѓето и ја испровоцираа темата за долгорочна флексибилност на работните места.

    За промените во бизнисот и влијанието врз вработените, разговаравме со Ана Стојановска – Директор на Човечки ресурси во ПроКредит Банка, првата банка во Северна Македонија која воведе можност за работа од дома на своите вработени.

    Како пандемијата влијаеше на работењето на ПроКредит Банка и на нејзините вработени?

    Како во сите компании, така и кај нас, пандемијата предизвика видно поместување во секојдневното работење и бевме ставени пред предизвикот многу брзо да се адаптираме на промените. Уште во март 2020, во рекордно време овозможивме работа од дома за сите вработени, без посериозни проблеми.

    Секако, за нас клучна предност беше фактот што ПроКредит е лидер во дигитализацијата на нашиот пазар и е првата дигитална финансиска институција во Македонија, каде клиентите своите операции/трансакции ги извршуваат исклучиво преку електронски или дигитални канали, па сите услуги на нашата банка се одвиваа непречено, на што сме навистина горди. Па така, пред експозитурите на банката ги немаше стандардните колони од физички лица кои чекаа да ги подигнат своите пензии, што беа редовна слика во другите банки.

    Дополнително, континуираната инвестиција во на ИТ опрема од најнова технологија која одамна е наш стандард, овозможи непрекината работа и задржување на високиот квалитет на услуга. Секој вработен беше целосно опремен со преносен компјутер, слушалки и друга мобилна опрема неопходна за работа.

    Сите овие стратешки определби го олеснија целиот овој процес на трансфер на вработените за работа од дома. Како резултат на тоа, вработените беа флексибилни и кооперативни и делуваа тимски кон сите предизвици кои ги донесе пандемијата.

    ПроКредит е првата банка кај нас која го воведе концептот на флексибилно работење. Што подразбира овој модел на работа?

    Уште пред пандемијата, долго се дискутираше и се бараше соодветно решение за  креирање модел кој во центарот ќе ги стави вработените, а истовремено ќе гарантира задржување на квалитетот на услугите кон своите клиенти. Па така, официјално од август годинава, го лансиравме моделот на флексибилно работење кој наиде на многу позитивни реакции од вработените и на пазарот не позиционираше како прва банка која храбро пристапи кон воведување нови стандарди во индустријата.

    Моделот на флексибилно работење му дава можност на секој вработен 4 дена во месецот да работи од својот дом, секако со предуслов на обезбедување на сите потребни услови за реализација на истото, како на пример соодветна ИТ опрема, конекција и почитување на стандардите за информациска сигурност. Оваа можност е достапна за сите вработени подеднакво, без разлика на сениоритет, позиција или департман.

    Кој беше главниот мотив за имплементирање на флексибилно работење?

    Балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот е исклучително важен фактор во задоволството на вработените на работното место. Оваа тема е особено актуелна во изминатите години кога вработените ги увидоа бенефитите и станаа многу повеќе свесни за потребата од поголема флексибилност. Па така, компаниите кои целат кон долгорочен успех, потребно е да ги задржат квалитетните кадри, а за тоа е неопходно да бидат проактивни и да понудат соодветно решение.

    Можам да кажам дека со оваа одлука за флексибилно работење, пред се, фокусот го ставаме на вработените. Посветуваме повеќе внимание на нивните потреби, како професионални, така и лични, и инвестираме во подобрување на нивната целосна благосостојба. Секако, со оваа одлука очекуваме квалитетот и продуктивноста на работата да се зголемат.

    Од ваша перспектива, како оваа промена влијае на вработените?

    Вработените беа навистина пријатно изненадени и задоволни од иницијативата, со што истата беше одлично прифатена од страна на целиот тим, што не прави посебно среќни. Ваквиот бенефит ќе има дополнителен импакт кон секој вработен во однос на зголемување на задоволството и ангажираноста, како и полесно планирање на своето приватно и работно време. ПроКредит Банка има исклучително професионален и подготвен кадар, одговорни вработени кои се самостојни и проактивни и на кои не е им е потребна надворешна контрола. Па така, веруваме дека оваа иницијатива ќе биде од бенефит и за Банката и за секој поединец.